Македонска Каменица - Руската компанија „Солвеј“, сопственик на рудникот за олово и цинк „Саса“ кај Македонска Каменица, во овој рударски капацитет реализира нова инвестиција во висина од 1,5 милион евра. Со ова, според Максим Прохоров, директор за инвестиции и развој, севкупната инвестиција на „Солвеј“ во најголемиот македонски рудник, од моментот кога во 2005 година стана негов инвеститор до денес, изнесува над 50 милиони евра. Новата инвестиција е во опрема за експлоатација на рудата во новото концесиско поле од 0,84 километри квадратни кое е продолжение на просторот од кој сега во "Саса" се копа руда. Набавивме јамски камиони, утоварувачи, багер, дупчалка и дел помали машини. Се работи за машини и опрема од најновата генерација. Свесни сме дека без инвестиции во квалитетна опрема за работа во јамите нема современо рударење, нема просперитет и иднина.
Македонска Каменица - Руската компанија „Солвеј“, сопственик на рудникот за олово и цинк „Саса“ кај Македонска Каменица, во овој рударски капацитет реализира нова инвестиција во висина од 1,5 милион евра.
Со ова, според Максим Прохоров, директор за инвестиции и развој, севкупната инвестиција на „Солвеј“ во најголемиот македонски рудник, од моментот кога во 2005 година стана негов инвеститор до денес, изнесува над 50 милиони евра.
„Новата инвестиција е во опрема за експлоатација на рудата во новото концесиско поле од 0,84 километри квадратни кое е продолжение на просторот од кој сега во ’Саса’ се копа руда. Набавивме јамски камиони, утоварувачи, багер, дупчалка и дел помали машини. Се работи за машини и опрема од најновата генерација. Свесни сме дека без инвестиции во квалитетна опрема за работа во јамите нема современо рударење, нема просперитет и иднина“, вели Прохоров.
Значајни средства рудникот инвестира и во подвижна платформа, која има важност во однос на зголемување на безбедноста во јамите. Платформата ќе се користи за отстранување на сите опасни карпи од горниот дел на подземните ходници во рудникот.
„Сето ова го правиме за новото поле на кое деталните геолошки истражувања се при крај и каде што, според досегашните наоди, наидуваме на интересни содржини на олово и цинк погодни за економска експлоатација. Во моментот работиме на новиот транспортен хоризонт и на целокупната внатрешна инфраструктура, бидејќи целта ни е што побргу да почнеме со експлоатација на олово-цинковата руда“, потенцира Прохоров.
Во моментов годишното ниво на експлоатација во овој рудник е 700.000 тони сува руда од која се добиваат околу 90.000 тони оловен и цинков концентрат. Примарна цел на новата инвестиција во новото концесиско поле не е да се добие поголемо производство туку, пред се' и над се' да се обезбеди постојаност на производството. Овој рудник веќе трета година по ред е меѓу петте најуспешни и најпрофитабилни стопански субјекти во државата. Во 2011 година „Саса“ оствари профит од 47 милиони евра. Според Прохоров, тоа е резултат на постојаното инвестирање.
Го прашуваме директорот за инвестиции и развој во „Саса“ дали и колку се примирија тензиите кои во последно време ги имаше во овој рудник. Тензии предизвикани од фактот дека за шест години во неговите јами загинаа шестмина рудари, што резултираше и со барање на рударите за побезбедни услови во работа на јамите, но и за повисоки плати.
„Рудникот, не само нашиот, е таков стопански капацитет во кој цело време имало, а и во иднина ќе има тензии. Причина секогаш ќе бидат платите, условите за работа и слично. Но, сакам да укажам дека за сите инциденти со смртни последици во нашиот рудник, надлежните институции кои ги истражуваа јасно посочија дека нема вина во рудничкото раководство, дека во јамите на рудникот се запазени сите неопходни безбедносни процедури. Што се однесува до платите, според Државниот завод за статистика, платите во рударството се опаднати за осум проценти, но не и кај нас. Имено, во „Саса“ од 2006 година кога рудникот почна со производство, па се' до денес платите се зголемени за сто проценти“, појаснува Прохоров.